СДСМ денеска обелодени нов случај во кој, според нивните тврдења, фирма блиска до владејачката ВМРО-ДПМНЕ добива јавни тендери во општините каде што партијата има градоначалници.
Според податоците презентирани од СДСМ, станува збор за компанијата „Мастеф ДООЕЛ Скопје“, која во последните три години добила тендери во вредност од над 4 милиони евра. Дополнително, од унгарскиот кредит, оваа фирма добила одлука за избор на проект во вредност од 400.000 евра.
“Фирмата е фаворизирана од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода, Аеродром и Неготино. Во Кисела Вода, под водство на Орце Ѓорѓиевски, компанијата добила договори во вредност од 1,7 милиони евра, додека во Аеродром, во мандатот на Тимчо Муцунски, склучила договори речиси 1 милион евра. Во Неготино, градоначалникот Горан Стојанов од ДПМНЕ доделил тендери на истата фирма во вредност од 400.000 евра„ обвинуваат од СДСМ.
Од 13 тендери во овие општини, во 11 случаи „Мастеф“ била единствен понудувач, а најголем дел од договорите биле склучени по иста сума како проценетата вредност, што според СДСМ отвора сомнеж за однапред договорени зделки.
„Како е можно една иста фирма да биде победник на толку многу тендери во општини и институции и да добие 4,5 милиони евра? Каде завршуваат парите на граѓаните?“ – прашуваат од СДСМ, додавајќи дека фирмата добила и тендери во Министерството за спорт, под раководство на Борко Ристовски, во вредност од 1 милион евра.
Партијата бара итна реакција од Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија, со цел да се испита дали станува збор за незаконски тендерски зделки.