СДСМ: Тошковски да замине од функцијата, му избега или го пушти Блерим Рамадани?

од Илинка Илиоска
511 прегледи

СДСМ изрази остро незадоволство од работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, нарекувајќи го „големо разочарување“.  Во реакцијата, партијата истакна дека по шест месеци откако е на функцијата, државата е претворена во „Хотел Промаја“, каде криминалците слободно бегаат.

Последниот пример на бегство на Блерим Рамадани, лице кое е барано со меѓународна потерница, само го потврдува недостатокот на контрола во Министерството за внатрешни работи под раководство на Тошковски.

„Прашуваме како е можно да се дозволи бегство на затвореник баран со меѓународна потерница? Дали дозволи да избега или е крајно неспособен да зачува криминалец кој е меѓународно баран?“ – се наведува во соопштението на СДСМ.

Покрај тоа, партијата го обвини Тошковски за неуспех во справувањето со криминалот во земјата, посочувајќи на видео снимка од сред бел ден каде се извршува грабеж во центарот на Скопје, за кој МВР се уште нема информации дали сторителот е лоциран.

Дополнително, СДСМ го потсети министерот на шесте убиства и обиди за убиства во последните шест месеци, за кои речиси нема разрешница.

СДСМ смета дека државата под водство на Тошковски се претвори во „Див Запад“ и бара министерот да покаже доблест и да поднесе оставка од функцијата.

„Во текот на вчерашниот ден се сподели и видео на социјалните мрежи каде во сред бел ден се врши грабеж во центарот на Скопје а МВР нема информација дали го лоцирала сторителот. Се случија шест убиства и обиди за убиства за кои нема разрешница освен за едно. Државата за шест месеци со Тошковски на чело на МВР се претвори во Див Запад и нема никаква одговорност. Тошковски треба да е доблесен и да си замине од функцијата“, велат од СДСМ.

Слични содржини