Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски денеска порача дека сите се откажаа и извинија за делувањето на екс-вицепремиерот Артан Груби, само СДСМ не се извини. Според него, тоа е „зошто со години му дозволија да краде“.
Петрушевски смета дека СДСМ знаеле од прв ден што прави Груби.
-Не може за влада која ја воделе заедно и која заради ДУИ опстојуваше СДС да не знае што се случувало. СДС доколку сериозно размислува како партија која сака да биде чинител во општеството, треба да се извини зошто го толерирале Груби и што не повеле постапка пред органите во нивно време. А веднаш потоа да ги повикаат на одговорност и сите нивни функционери кои тоа го овозможиле. Всушност заради вакви како Груби и многу други од нивните редови СДС и ДУИ ги протуркаа законските измени во Кривичниот законик. Спасувајќи голем број криминалци, но очигледно за среќа на државата и сите нас не можеле да ги спасат сите, рече пратеникот на прес-конференција.
Премиерот Христијан Мицкоски не сака да шпекулира дали поранешниот вицепремиер е во Албанија или во Косово, но како што вели, факт е дека не бил чист како солза, бидејќи во спротивно немало да бега од правдата. Според шефот на Владата, пораките што ги испраќаат СДСМ и ДУИ не се во насока на одлучна борба со криминалот и корупцијата.
-Јалови се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да се оправда за бегството на Артан Груби, сработено по истото сценарио како и она на Блерим Рамадани. Повеќе од јасно е дека границата со Косово не е под контрола на МВР и Тошковски, реагираа од СДСМ. Според опозициската партија, власта сама си креира сценарија за сомнеж дека тие го пропуштиле Груби да си оди од државата, наместо да се соочи со одговорност.
„Денес е нејасно како Тошковски може да биде толку неинформиран и МВР толку слаба институција под негово водство, кога Изет Меџити коалицискиот партнер на Мицкоски знае дека Груби е во Албанија, а Тошковски не? Го праша ли Тошковски Меџити од каде му се информациите? Тошковски веќе одамна е зрел за оставка, премногу скандали се случија без никаква политичка одговорност“, велат од СДСМ.
Груби веќе доби отказ од Правниот факултет на отсекот за новинарство, на Државниот универзитет во Тетово. Постапката за завршување на работниот однос на Груби, кој е недостапен за органите за прогон од 15-ти декември и е осомничен во случајот „Државна лотарија“, била почната минатата година.
Од владејачката коалиција ВЛЕН сметаат дека тоа што Груби добил отказ, поради неоправдани отсуства, е јасен одраз на неодговорност и ароганција која ДУИ ја негува со децении. Оттаму прашуваат и како може човек кој не може да ги исполни ниту своите академски обврски да се обиде да продаде политички морал и да зборува за јавна одговорност.
Експрвиот вицепремиер и натаму е во бегство, како и поранешниот директор на Државна лотарија, Прпарим Бајрами.