СДСМ: Црвенковски e историја, македонските граѓани избраа иднина и да чекорат напред

од Nikola Popovski

„Обраќањето на поранешниот претседател, Бранко Црвенковски, после долги години молк и немање став за важни државни или национални прашања, нека го толкуваат граѓаните. Дали е тоа принципиелен однос кон својата партија и кон членството на СДСМ, ќе ценат членовите на СДСМ и граѓаните“, соопштуваат од владеачката партија, како реакција на денешната изјава на поранешниот претседател на државата, Бранко Црвенковски.

Според нив, СДСМ и натаму ги почитува и ќе ги почитува сите важни политички одлуки кои партијата ги донела во времето кога беше раководена од Црвенковски, а со кои државата беше насочувана кон прогрес и кон демократски и европски вредности.

„СДСМ нема да навлегува во личните мотиви на Црвенковски, искажани во клучни моменти кога на цела држава и е потребен разум за остварување на стратешките цели поставени од независноста, меѓу кои и членство во ЕУ. Знаат граѓаните што е вистина и кој се бори за македонската иднина, кој го заштити македонскиот идентитет во најтешките преговори во историјата на земјата. Знаат граѓаните кој носи одлуки без разлика на политичката кариера, исклучиво водејќи се од интересот на целиот наш народ и татковината“, објаснуваат од СДСМ и дополнуваат дека партијата и македонските граѓани избраа иднина и избраа да чекорат напред, многу одамна, а Црвенковски е историја.

Поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски смета дека ставовите и тезите искажани во интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. Поради тоа, Црвенковски смета дека направена е огромна и непоправлива штета и најавува дека ќе го замрзне членството во СДСМ додека партијата не се огради од ваквите ставови, се наведува во изјавата на Бранко Црвенковски испратена до медиумите.

Слични содржини