СДСМ: Учениците немаат учебници – власта излажа

Кузеска: „Наместо да преземе одговорност Весна Јаневска прво зборуваше дека проблемот ќе го решела со донации, а вчера смени лента, сега на сите што немаат учебници им вели имате PDF формат на интернет“

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: СДСМ

Помина цел месец од почетокот на учебната година, а учениците и понатаму немаат учебници. Власта ветуваше дека секој ученк од 1 септември ќе има учебник, септември одминува а власта излажа, учебници нема, обвинија денеска од СДСМ. Според партијата, ова претставува уште една голема лага на ВМРО-ДПМНЕ и министерката за образование, Весна Јаневска.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денеска порача дека илјадници ученици се приморани да учат без учебници а тие што ги имаат се парталави, стари, оштетени.

-Наместо да преземе одговорност Весна Јаневска прво зборуваше дека проблемот ќе го решела со донации, а вчера смени лента, сега на сите што немаат учебници им вели имате PDF формат на интернет.

Обврска на Министерството за образование и на власта е секоја учебна година да почне со обезбедени учебници за сите ученици. МОН треба да има план, логистика и контрола, и да гарантира дека секое дете во Македонија ќе учи со учебник. СДСМ бара МОН веднаш да обезбеди учебници и да ги достави во најкраток можен рок, кажа Кузеска на прес-конференција.

Според неа, министерката мора да понесе одговорност затоа што излажа и затоа што учениците ги остави без учебници и без основното право на квалитетно образование.