Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ започна да се распаѓа, што е директна потврда за она што граѓаните го чувствуваат секој ден. Оваа Влада е нефункционална, деструктивна и заглавена во лични интереси, а не може да ги решава реалните проблеми на народот. Според Богданка Кузевска од СДСМ, коалицијата се распаѓа бидејќи нема суштинска причина да постои – ништо не ја држи заедно освен функциите.
„За неполна година, оваа Влада почнува да се распаѓа, бидејќи е составена само за да задоволи лични апетити. Коалицијата се слама, затоа што нема никаква суштинска причина да постои – ништо не ја држи заедно освен функциите,“ изјави Кузевска на прес-конференција.
Таа истакна дека граѓаните немаат никаква добивка од оваа власт. Економските резултати се катастрофални, нема реформи, а институциите се во распад, додека државата е понижена на меѓународен план. Кузевска додаде дека Мицкоски ја води државата како приватна компанија, без визија и храброст да донесе важни одлуки.
„Граѓаните живеат сè потешко – цените растат, а платите остануваат на исто ниво, додека Владата троши народни пари за луксуз,“ рече Кузевска, посочувајќи дека додека народот се бори да го преживее месецот, власта трошела пари на луксузни гозби.
На локално ниво, состојбата е уште полоша. Општините под водство на ВМРО-ДПМНЕ се расадници на корупција, а градоначалниците се фокусирани на местење тендери, а не на решавање на проблемите на граѓаните. Улиците не се поправаат, училиштата пропаѓаат, а јавните услуги се во хаос.
„Партнерите си заминуваат, а граѓаните се во апатија, гледајќи како оваа Влада нема капацитет да ја води државата. Никој не треба да биде соучесник во оваа пропаст на државата,“ изјави Кузевска, додавајќи дека СДСМ ќе продолжи да биде гласот на разумот и одговорноста.
Таа заклучи дека оваа власт, како и сите што се градат на лаги и интереси, ќе падне. „Прашање е само колку уште штета ќе направат до тогаш,“ изјави Кузевска.