СДСМ остро ги критикува потезите на Владата на ДПМНЕ која, според нив, во време на трагедија во Кочани, кога животите ги загубија 59 млади луѓе, продолжува со трошоци за пропаганда и мерење на рејтинзи. Партијата побара итно поништување на тендерите за софтвер за медиумско влијание и за анкети, како и пренамена на тие средства за помош на семејствата и граѓаните на Кочани.
„Додека народот и државата тагуваат поради трагедијата во Кочани, Владата на ДПМНЕ турка тендери за мерење на рејтинзи и пропаганда. За поддршка на семејствата во Кочани се организираат донации, но Владата троши 400.000 евра за анкети и мерење на рејтингот на Мицкоски“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Партијата исто така го критикува новиот тендер кој вклучува набавка на софтвер за оценка на медиумското влијание и мониторинг на медиумите, социјалните мрежи и прес-клипинг, што го смета за непотребно во услови на сериозни проблеми со финансиите за други јавни услуги.
„Нема пари за плати, нема за пожарникарите, лекарите, работниците, но има пари за рејтингот на Мицкоски. Питаме зошто да се трошат пари за граѓаните на прес-клипинг кога Владата веќе има професионална служба за тоа“, изјавија од СДСМ.
СДСМ апелира Владата да ги преиспита своите приоритети и да ги пренамени парите кои биле предвидени за анкети и анализи на медиумското влијание за помош на пострадалите семејства од трагедијата во Кочани.
„Сега е време за солидарност и одговорност, а не за мерење рејтинзи и пропаганда“, заклучуваат од СДСМ.