Помина една година откако ВМРО-ДПМНЕ најави формирање на Министерството за социјална политика, демографија и млади, наместо резултати – младите добија уште едно големо разочарување. Наместо функционална институција што ќе ги слуша, ќе ги вклучува и ќе им служи, добија уште една нефункционална испостава на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Ништо од ветените промени. Ништо од системските решенија. Само бирократија, хаос и игнорирање на младите, нивните потреби, порача потпретседателката на подмладокот на СДСМ, Стефанија Кузмановска.
Според неа, министерството не е ниту кадровски ниту програмски комплетирано, нема преземено ниту дел од законските надлежности, а нема ниту план за тоа што треба да прави.
-Тоа е класична формула на ВМРО-ДПМНЕ: повеќе пари – помалку резултати. Министерството е глуво за младите. Неосновани селективни процеси, нетранспарентност во избори на претставници, игнорирање на организациите кои ги застапуваат младите – тоа е реалноста денес. Со оваа Влада, бројот на локални младински совети опаѓа. Стратегиите за млади – изостануваат. Младинските центри – заборавени. Законот за младинско учество – не се спроведува, порача Кузмановска.
Потпретседателката на СДММ, истакнува и дека после една година власт на ВМРО-ДПМНЕ, младите во Македонија живеат потешко и полошо. Оценува дека ги бројат парите од месец за месец и сè почесто го гледаат спасот надвор од државата.
-СДММ се приклучува на барањата на младинскиот граѓански сектор и бараме продолжување на рокот најмалку до крајот на август, јавна промоција на повикот и структуриран дијалог со младинските организации.
Јавно повикуваме на итно преземање на надлежностите од Агенцијата за млади и спорт, согласно законските одредби, усвојување на сите неопходни подзаконски акти за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики, стои во соопштението од подмладокот на СДСМ.