СДСМ: Власта не се откажува – авионот не е избришан од Буџетот

„Авионот сакаат да го земат на лизинг на рати, па тоа да го претстават поинаку, само како изнајмување за потребите на Владата“, обвинуваат од опозициската партија

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

СДСМ денеска преку соопштение до јавноста велат дека власта се нема откажано од набавката на нов владин авион и одбива да направи ребаланс на буџетот и парите да ги пренамени за плати.

-Власта се нема откажано од авионот. Буџетот на СОЗР за оваа 2026 година беше зголемен за 124 милиони денари и тој е непроменет. Во Категорија 48 (Капитални расходи), под ставката за опрема, оваа сума соодветствува на годишна рата за купување авион со рок на отплата од повеќе години. Власта одбива да направи ребаланс на буџетот и парите да ги пренамени за плати. Тоа потврдува дека авионот не е избришан од Буџетот, велат од опозицијата.

Додаваат дека во Собранието пратениците на ВМРО-ОКГ не сакаат ниту да разговараат за предлог за ребаланс на Буџетот, ниту за новиот Закон за минимална плата од 600 евра.

-Мислат дека со дефокус ќе направат луѓето да заборават на авионот и тивко да работат во позадина за во иднина да земат нов. Луксузот на ВМРО-ОКГ не трпи, трпат само работниците. Авионот сакаат да го земат на лизинг, на рати, па тоа да го претстават поинаку, само како изнајмување за потребите на Владата. Никој не е наивен! Граѓаните ќе плаќаат, платите на работниците нема да ги зголемат. Ќе има пари за авион, мебел, луксуз, тендери, но за работниците нема да има, порачаа од „Бихаќка“.

Минатата недела премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата се откажува од набавката на нов владин авион. Вели, иако со лидерот на СДСМ се договоривме да не се критикува набавката на авион, бидејќи е државна потреба и ќе го користат и следните влади, а ќе биде наменет и за хуманитарни цели, од опозициската партија не си останале на зборот.

Мицкоски информира и дека досега, владиниот авион го има користено четири пати, за службени патувања во Будимпешта, Белград и Сплит, каде на работната вечера со хрватскиот претседател Зоран Миловановиќ долетал со комерцијален лет, а по тридневниот престој, се вратил со владиниот авион. Тој ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека на летување бил со авионот.

Актуелниот „Лирџет 60“ е произведен во 2004-та година во Соединетите Американски Држави. Има седум седишта и спаѓа во категоријата бизнис авиони, со долет на средни линии. Може да лета низ Европа и до Блискиот Исток, но не и на прекуокеански летови.