ВМРО-ДПМНЕ од прв ден бара алиби за својата неспособност. Му порачуваме да престане да се правда дека немало пари во буџетот. Тоа е алиби за лошите политики кои ги планира како што се прекинување на политиките за раст на платите и задолжувањето од 500 милиони евра од Будимпешта, велат од опозициската СДСМ.
„Владата на СДСМ обезбедуваше во континуитет плати за сите вработени во јавната администрација и претпријатијата во сите седум години и во услови на светски кризи. Граѓаните знаат дека СДСМ цели седум години работеше во апокалиптични економски светски кризи или во економско цунами, ако сакаме да се изразиме со речникот на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ ниеднаш не се пожали за тоа а пари се обезбедуваа за сите потреби. Мицкоски нема намера да работи совесно и одговорно, туку преку обвинувања кон СДСМ да прави буџет со кој ќе ги тера неговите погрешни политики.
СДСМ во најтешки економски времиња обезбеди континуирано покачување на платите и пензиите, обебзедивме повеќе од милијарда евра за директна финансиска поддршка на компаниите и граѓаните во кризите и буџет за сите капитални инвестиции.
Ако ВМРО-ДПМНЕ не е способна да раководи со буџетот сега кога кризите се зад нас и имаат чиста економска ситуација, тогаш тоа укажува само на голема неспособност“ , се вели во партиското соопштение на СДСМ.