СДСМ за „Бехтел и Енка“: Мицкоски дојде на власт и смени лента – договорот беше „историски криминал“, а сега е супер

од Nikola Popovski
60 прегледи

СДСМ го критикува премиерот Христијан Мицкоски за наративот пред и по доаѓањето на власт во однос на Договорот со Бехтел и Енка и изградбата на фазите од Коридорите 8 и 10Д. Партијата на Венко Филипче му замерува на премиерот дека „кога беше во опозиција велеше дека Договорот со Бехтел и Енка е историски криминал“.

-„Договорот помеѓу владата и Бехтел и Енка отвори 10-тина дилеми за историски криминал“, “Таму се фатени буквално во сериозен криминал“, „Криминалот со Бехтел и Енка ќе го кријат со Закон“, „Ова е историска пљачка“ – Вака говореше Мицкоски до пред само неколку месеци. Дојде на власт, седна во премиерската фотелја и Мицкоски веднаш смени лента. Одеднаш се е различно, се е супер, посочуваат од СДСМ.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека од работата изминативе четири месеци како Влада и три месеци како раководство во ЈПДП, „можеме да забележиме дека се направено двојно, тројно повеќе работи споредено со две години претходно“. Според него, ова не е магија или илузија, туку вистина.

-Овие преговори заедно со раководството на компанијата „Бехтел” започнаа уште при оние контакти во Вашингтон, кога бев на посета во Вашингтон, на Самитот на НАТО, продолжија тука и гледате еве кога ќе се постигне заеднички, кога ќе има дијалог, кога ќе се разговара, може да се постигне и напредок. Тој напредок сите можеме сега да го видиме и јас сум навистина горд што сме денеска овде и што во периодот којшто следи ќе имаме уште многу пријатни и убави вести за вас, за македонската јавност и македонските граѓани, најави дел и потпретседателот на Владата и министер за транспорт, господинот Александар Николовски, рече Мицкоски при промоција на почетокот на владините активности за реализација на Коридорот 8.

Првиот заменик-претседател на владата, Изет Меџити, изјави дека Коридорот 8 е приоритет над приоритетите за развојот на земјата, а особено за економскиот развој.

-Изразувам лично задоволство што ги гледаме првите работи што се појавија на површина и со тоа се затвора темата за Коридорот 8 како политичка тема. Коридорот 8 е приоритет над приоритетите за развојот на земјата, за економскиот развој, каде што немам никакви дилеми дека со Бехтел и Енка ќе бидеме сведоци во следните недели и месеци за реализацијата на проектот, изјави Меџити.

Слични содржини