СДСМ за „елиминирањето“ на Ристоска: Професионалец со интегритет не се вклопува во системот на Мицкоски

„Мицкоски сам одлучува дека таа не е во игра, во живо, на телевизија“, наведуваат социјалдемократите

од Nikola Popovski
62 прегледи Фото: Фејсбук

Премиерот Мицкоски со јавното „елиминирање“ на Ленче Ристоска веќе не ни крие дека ја става судската власт целосно под своја контрола, реагира најголемата опозициска партија СДСМ. Оттаму велат дека професионалец со интегритет за јавен обвинител не се вклопува во неговиот концепт за судски систем кој тој од собраниска говорница го командува како да работи.

„Промената на јавниот обвинител беше политичка цел на Мицкоски за воспоставување целосна контрола врз судството и обвинителството.Сега гo гледаме сценариото за изборот на нов јавен обвинител по мерка на Мицкоски. Тој одлучува кој ќе биде назначен.

Мицкоски ја елиминираше Ленче Ристовска –независната кандидатка за државен јавен обвинител.

Иако Ристовска доби максимални 10 од 10 поени од Советот на јавни обвинители и позитивна оценка за својата професионалност и стручност. Мицкоски сам одлучува дека таа „не е во игра“, во живо, на телевизија.

Независен јавен обвинител не му одговара на Мицкоски затоа што не може да го контролира. Професионалец со интегритет не му се вклопува во концептот“, пишува во соопштението на СДСМ.

Тие додаваат дека дека ова претставува само последниот случај на партизацијата на судскиот систем, потсетувајќи дека претходно сопруга на градоначалник на ВМРО била назначена за член на Судскиот совет додека советник на Мицкоски бил назначен во Уставниот суд. 

„Следува целосно погребување на правдата и правната држава. Исто како во времето на Никола Груевски“, наведуваат од Социјалдемократскиот сојуз.