СДСМ за најавениот „туристички бум“: Посетителите гледаат циркус – фасади од гипс и стиропор кои се распаѓаат, згради кои протекуваат…

„Светска атракција направи ВМРО со криминалниот Скопје 2014“, порачаа од „Бихаќка“ по изјавите на Мицкоски

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Фејсбук/СДСМ

Откако премиерот Христијан Мицкоски денеска најави „туристички бум“ во државата и дека целта е 5 милиони ноќевања од странски туристи, со реакција се огласија од СДСМ. Според партијата, „светска атракција“ од Скопје направија, како што велат, ВМРО и Груевски со криминалниот проект Скопје 2014.

Од СДСМ истакнуваат дека „над 700 милиони евра украдени од граѓаните завршија во џебовите на Груевски и кликата во Белата палата“.

„Сега туристите не доаѓаат да гледаат знаменитости, туку циркус. Фасади од гипс и стиропор кои се распаѓаат, згради кои протекуваат…. Каков проект – таква е и нивната политика. Сè е лажно! Сè се распаѓа. Како и нивните приказни за дефокус од скандалот со дрогата од 5 тони вредна 40 милиони евра. Наместо најави за „бум во туризмот“ и 5 милиони ноќевања Мицкоски да одговори што е со 5 тони дрога и кој од врвот на власта ќе одговара“, прашаа од „Бихаќка“.

Туризмот останува еден од врвните стратешки приоритети на Владата, изјави денеска премиерот коментирајќи ги последните статистички податоци за бројот на туристи. Тој рече дека бројките за минатата 2025 година се повеќе од охрабрувачки.

Тој најави амбициозен план за иднината, со фокус на привлекување организирани групи и проширување на капацитетите.

-Се ближиме кон бројката од 3,5 милиони ноќевања, што е значаен податок, но нашата цел е да успееме да дојдеме до 5 милиони ноќевања во Македонија. Паралелно работиме на поддршка за изградба и реновирање на сместувачките и угостителските објекти, кажа Мицкоски.