СДСМ за новите ценовни шокови: Маслото за јадење покачено од 89 на 92 денари, млекото над 72 денари

од Nikola Popovski
441 прегледи

Маслото за јадење е покачено од 89 на 92 денари, млекото над 72 денари, покачени се цените на јајцата, месото, сирењето, соковите. Средствата за хигиена поскапеа дури и за 60 проценти! Граѓаните имаат се помалку пари во своите џебови. Ова е резултат на трајно погрешна економска политика на Владата, порачаа од СДСМ откако се зголемија цените во маркетите и продавниците по завршувањето на ограничувањето на маржите.

Од најголемата опозициска партија тврдат дека пропаднаа сите мерки на Владата. Додаваат дека животот во Македонија станува се поскап, граѓаните едвај врзуваат крај со крај и се мислат дали да платат сметки овој месец или да купат храна.

-Синдикалната кошничка е покачена, за едно четиричлено семејство, потребни се најмалку 62.700 денари месечно. Ниту три минимални плати не го покриваат тој минимален износ. Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, за функционерите од власта има богато мени од манго и папаја. Власта нема слух и одбива да ги покачи платите, одбива да ја покачи минималната плата, истакна меѓу другото Лолита Ристова, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Дел од граѓаните деновиве повторно реагираат на високите цени на дел од прехранбените производи. И лидерот на Левица и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев сподели со јавноста дека од вчера, цените на производите во маркетите и продавниците повторно се зголемија и дека ова станува редовна навика. Апасиев посочува дека речиси сите намирници се поскапени. Според него, личната хигиена веќе ќе стане луксуз за дел од граѓаните.

Од Државниот пазарен инспекторат потврдија дека во следниот период ќе се врши мониторинг кај производителите, увозниците, дистрибутерите и маркетите. Мерката за ограничување на маржите стартуваше на 20 февруари, а заврши на 30 април. Опфатени беа 102 групи производи, со ограничување на маржите од 5 до 15%.

Со измени на Законот за заштита на потрошувачи, што стапија во сила на 18 април, трговците на мало се обврзани јавно да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници и да ги ажурираат секој ден до 10 часот. Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) предлага да се направи алатка за компаративна споредба на цените на производите. Од Министерството за економија и труд размислуваат за воведување на општа веб-страница на која граѓаните ќе може да ги проверуваат цените на производите.

Слични содржини