Власта требаше да се врати наназад неколку месеци и како репер да ги земе тие цени, а не овие покачени цени, велат од СДСМ за ограничените маржи на 102 групи производи. Дополнително, сметаат од најголемата опозициска партија, треба да се опфатат сите 238 групи на производи.
СДСМ е децидна дека замрзнувањето со ниво на цени од 1 февруари не е решение за скапотијата, затоа што податоците на Државниот завод за статистика укажуваат дека веќе во јануари има пораст на цените.
-Владата на Мицкоски и ДПМНЕ освен што е неспособна да одговори на економските предизвици се покажува како слуга на големите бизнис интереси, наместо да се бори за доброто на граѓаните, рекоа меѓу другото од „Бихаќка“.
Од денеска се очекува да поевтинат над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи Владата реши да дејствува со две мерки. Со едната се ограничуваат маржите од 5% до 15% за 100 групи производи, а со другата се замрзнуваат цените за 8 продукти – за лебот, брашното, киселото млеко, јајцата, маслото, односно најкупуваните ќе имаат маржи од 5%.
Одлуката ќе стапи во сила откако ќе биде објавена во Службен весник. Пазарниот инспекторат секојдневно ќе контролира. Ако се утврдат неправилности, казните се и до 20.000 евра.
Според Комората на трговци на мало и големо, со владините одлуки нема да бидат опфатени 1.000 производи, туку од 3.000 до 4.000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко, како и производите како што се детергентите и сапуните. Бараат итна средба со премиерот Христијан Мицкоски.