„Мицкоски има виза за Британија и гради зграда од 45 ката во Белизе“ – според СДСМ вака ќе изгледаше насловот на нивното соопштение доколку, како што велат, во нивните редови работеше екипа од медиумскиот центар на ВМРО-ДПМНЕ.
„Зошто ваков наслов? Затоа што еден дел е вистина, а другиот дел е целосна лага. Класичен пример за наслов од жолт печат. Со денови читаме сензационалистички наслови од соопштенијата на ВМРО, како да станува збор за наслови од таблоид“, истакнуваат од СДСМ.
За обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за „златната виза“ на лидерот на СДСМ, Венко Филипч, од „Бихаќка“ појаснуваат дека визата е одобрение или службен документ што го издава Владата на некоја држава и кој му овозможува на државјанин на друга држава влез, престој или транзит. Тврдат дека тоа не е „злато“ туку хартија на пасош.
-Обично станува збор за печат или налепница што се става во пасош. Впрочем, за деталите околу некоја виза секој граѓанин може да провери на веб-страницата на соодветната амбасада и со тоа да ја затвориме оваа бесмислена тема од кујната на ВМРО.
Д-р Венко Филипче работи како доктор и не се занимава со градење какви било згради, а особено не со зграда од 42 ката во Дубаи со Зоран Заев, кој веќе пет години е во политичка пензија. Да повториме за оние што сè уште не ја добиле таа информација, ако воопшто има такви, порачуваат, меѓу другото, од таборот на Филипче.
„Во свое појавување пред медиумите, лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека тој не бил бизнис партнер на Зоран Заев во градбата на висококатница во Дубаи. Но со тоа, пак, потврди дека Заев сепак таму гради зграда висока 42 ката. После оваа јавна потврда, во јавноста се јавуваат нови дилеми, на кои Филипче треба да даде одговори, како на пример, како дошол до златната виза за Дубаи“, ова го соопштија утрово од ВМРО-ДПМНЕ.