СДСМ: Заканите од трговците за отпуштање на 5000 работници се директна последица на неспособноста на Владата

од Nikola Popovski
44 прегледи

Заканите од трговците за отпуштање на 5000 работници се директна последица на неспособноста на Владата на ВМРО-ДПМНЕ да води економска политика која ќе ги заштити граѓаните, но и ќе обезбеди стабилност за работниците и компаниите, рече денеска Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.

Според него, тоа е поради тоа што, премиерот Христијан Мицкоски наместо да биде лидер, како што вели, глуми набљудувач во државата која ја води. Илиевски се пофали дека СДСМ, додека беше на власт, успеваше да донесе мерки кои ја контролираа ценовната криза без да дозволи отпуштања. Вели дека партијата се борела за интересите на граѓаните, но и за стабилноста на пазарот.

Трговците и сопствениците на супермаркети вчера преку соопштение критикуваа дека со 10% бруто-маржа, не можат да ги покријат оперативните трошоци, кои се движат од 15-20%.

-Да потенцираме дека, никогаш не ги зголемуваме цените самостојно, туку промената се случува поради промените на цените на производителите или доставувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници. Доколку тоа не се направи, не се испорачуваат производите.

Од ова произлегува притисокот врз маркетите и од потрошувачите или за цените или за недостигот на производи. Само во јануари до маркетите се пристигнати ценовници од над 40 доставувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи. Профитната маржа кај маркетите од година во година опаѓа, а кај нив се зголемува, рекоа вчера од новоформираната Стопанска комора на трговци на мало и големо.

Стопанската комора на трговци загрижена поради најавените маржи: „Не сакаме да преземеме радикални мерки, бараме итна средба со Владата“

Владата вчера не ја донесе одлуката за 10-процентно ограничување на маржите во трговијата на мало и големо што требаше да важи до 30 април и да опфати над 100 групи производи. Одлуката требаше да биде донесена врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало е утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците дистрибутери се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.

Дополнително ќе се утврдува дали ќе се прави Велигденска и Рамазанска кошничка. Министерството за економија е задолжено заедно со другите надлежни институции да одржат итен состанок за да се разгледаат и други долгорочни мерки со кои би се решила состојбата со растот на цените. До петок контроли ќе има и кај производителите на млеко и млечни производи и производителите на месо.

Слични содржини