СДСМ: Зошто Мицкоски не побара оставка од Меџити додека трае истрага за дивоградбите кои тој ги поставувал пред својот наследник?

од Nikola Popovski
73 прегледи

Секогаш кога Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат фатени во криминал, одговорот е ист – зборуваат за „дестабилизација“, велат од СДСМ преку соопштение. Според партијата, тоа е истиот рецепт како на екс-премиерот Никола Груевски и зборовите „А војна да направиме“, кој, како што велат, се слушаше во „бомбите“, кога се обидуваа да прикријат криминал со криза.

СДСМ критикува дека премиерот зборува за дестабилизација, додека „негови функционери и коалициски партнери се фатени во урбан мафијашки скандал со над 150 дивоградби во Чаир“.

-Прашањата се јасни: Зошто Мицкоски не побара оставка од вицепремиерот Изет Меџити, додека трае истрага за дивоградбите кои тој ги поставувал пред својот наследник? Зошто Панче Тошковски одбива да отвори истрага против Меџити и Висар Ганиу? Кој интерес стои зад заштитата на урбаната мафија од страна на ВМРО-ДПМНЕ? Зошто Мицкоски молчи за 150 нелегални објекти и се заканува со „дестабилизација, прашаа уште еднаш од „Бихаќка“ за скандалот со дивоградбите.

Тензијата на релација Арсовска – Ганиу доби нова димензија, кога чаирскиот градоначалник, придружуван од 30-ина граѓани, испразни цел камион отпад пред градот. Арсовска обвини дека истурениот отпад е градежен смет од дивоградбите во Чаир, кои според неа ги има 150, а Ганиу се служел со фалсификати. Тој ги отфрли ваквите тврдења, истакнувајќи дека постојат општини со повеќе дивоградби од Чаир.

Основното јавно обвинителство потврди дека постапува по добиеното известување од Министерството за внатрешни работи, за сомненијата за дивоградби во Чаир.