Град Скопје во моментов поставува асфалт на кејот на Вардар.
Бројни реакции во јавноста предизвика бетонирањето на земјените патеки во Градскиот парк.Градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска за неколку дена се премисли и врз асфалтот околу лавиринтот одлучи да се стави црвен тартан за да не изгледа бетонизиран просторот.
Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, во својата реакција вели дека „изборот на асфалт како подлога за патеки во парк, во денешно време, е работа на тотално незнаење и дефинитивно на лош, ама многу лош вкус“. Шилегов е многу умерен во реакцијата, затоа што злосторот што му се прави на делот од паркот изграден од Османлиите на почетокот на 20. век, не е прашање на лошиот вкус. Тоа е прашање на урбанистички криминал.
Токму тоа го наведува во својата реакција платформата Македонска архитекура (МАРХ) осудувајќи го потегот на градската власт.
„Она што навистина зачудува е неразбирањето на дизајнот на овој простор. Патека од песок не е незавршен проект, туку наменски дизајн. Доколку е деградирана треба да се постави нов слој на песок. Не секоја патека во парковите треба да е асфалтирана, поплочена и погодна за ‘ролери’. Истото можете да го сретнете во секој поголем стар парк низ светот, Версајските градини, Паркот Луксембург во Париз, Централ парк во Њујорк, потоа хортикултурното уредување на сите дворци и палати – буквално насекаде. Просторниот дизајн на овој дел од паркот, кој е планиран во еден потег со некогашниот Кермес го формираа тој амбиент. Градската кафеана била паралела на летните палати сместени во длабочините на дворските градини, каде одморате по долгите прошетки“, нагласија од МАРХ.
Реагираше и Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ и побара од градоначалничката Данела Арсовска да се прекине со асфалтирање на земјените патеки и наведува стратешки документ.
„Во Стратегијата за отпорно Скопје од 2017 се вели ‘Колку повеќе бетон и асфалт, толку повисока температура. Потребни се повеќе зелени површини, зелени покриви и зелени фасади’. Конвенционалните материјали за поплочување можат да достигнат летни температури и од 48-67°степени. Ако земеме предвид дека според картата на урбани топлински острови, централното подрачје на Скопје се издвојува како најтопло место во кое се забележани највисоки среднодневни температури, тогаш е сосема јасно дека сите напори и активности на Градот мора да се насочени кон намалување на температурите, а тоа секако не се постигнува со нанесување црн асфалт кога постојат далеку поадекватни алтернативи“, велат од „Зелен хуман град“.