Се бара алтернативно решение за избор на амбасадори

од Берта Китинска
137 прегледи

Шефот на дипломатијата Бујар Османи веќе разговарал со претседателот на државата, Стево Пендаровски во врска со пронаоѓање на алтернативни решенија за да се заобиколува блокадата на опозицијата на изборот на амбасадори.

Османи очекува Пендаровски да преземе чекори за да се најде оптимално решение.

Според него, со блокирањето на процесот од страна на пратеникот Антонио Милошоски се јавуваат проблеми по многу прашања, освен што се блокира нормалното функционирање на македонската дипломатија.

– Не само што се блокира нормалното функционирањето на надворешната политика, не само што остануваат празни нашите амбасади, не само што даваме лоша порака на граѓаните што не праќаме амбасадор… Не можеме 8 септември да го одбележиме во дипломатските конзуларни претставништва, да имаме мал прием, бидејќи амбасадорите не можат да го организираат тој прием во чест на празникот. Има и практични причини, почнува школската година, амбасадорите треба да ги запишат децата во училиштата во државите во кои одат, не можат да ги запишат, ќе треба децата да изгубат од наставата. Има од политички до практични и човечки причини, а нема аргументи – вели Османи.