Прилепското обвинителство побара притвор за шест лица и мерки за претпазливост за 15-тина кои се приведени за случајот со Прилепската општа болница .
-Основното јавно обвинителство Прилеп до прилепскиот Суд за случајот со Општата болница во Прилеп поднесе предлози за притвор за шест лица, за 15-тина мерка за претпазливиост и за шест до седум правни лица (од Прилеп, Битола, Скопје) предлог за изрекување забрана за учество во постапки за јавни набавки, информираат од Основниот суд Прилеп.
Се очекува во Прилепскиот суд да бидат донесени приведените лица за случајот со финансиското работење на Прилепската болница.
Повеќе од 10 лица синоќа и утрово се приведени во прилепската полиција за случајот со Општата болница во Прилеп во која финансиската полиција вршеше контрола за работењето во оваа институција. Во текот на денов приведените треба да бидат спроведени во Судот во Прилеп.
Во април, Прилепското обвинителство постапуваше во предистражна постапка поради сомневања за кривично дело, злоупотреба на службена положба и овластување. Тогаш беше извршен претрес на осум локации, а дејствија преземаше и Управата за финансиска полиција.