Скопското основно јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истрага против 33-годишен скопјанец осомничен за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
-Постои основано сомнение дека лицето во станот во кој живее и во станот на неговиот покоен дедо во Скопје недозволено одгледувал, преработувал и држел за продажба наркотична дрога – марихуана. При претрес во домот на осомничениот на булеварот „АСНОМ“ во Скопје биле пронајдени и одземени вкупно 71 стебло од растението канабис сатива, повеќе пакувања со марихуана, гранки во процес на сушење, тегли и други пакувања со семки од марихуана. Во втората илегална импровизирана лабораторија, пак, во стан на булеварот „Партизански одреди“, полициските службеници откриле уште 81 стебло од растението канабис сатива, кои се одгледувале во специјално направени услови со инсталирано посебно осветлување и температурни услови. Во станот биле пронајдени и 12 помали саксии со насади, ламби, вентилатори, засилувачи и друга опрема за производство на марихуана, стои во соопштението на ОЈО.
Јавниот обвинител до судот доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат дека ваквата мерка е неопходна за непречено водење на постапката.