Рамката за ставање крај на борбите во Газа и ослободување на заложниците треба да се достави до Хамас, изјавил во понеделникот катарскиот премиер по состаноците со американски, израелски и египетски претставници.
Катар, заедно со Египет и САД, го води посредувањето меѓу двете страни откако изби војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври, по нападот на палестинската милитантна група врз јужен Израел.
Премиерот на Катар, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, говорејќи во Вашингтон на настан организиран од тинк-тенкот „Атлантскиот совет“, рекол дека за време на преговорите во Париз е постигнат „добар напредок“.
Катарскиот премиер потврдил дека состаноците со шефот на ЦИА, Вилијам Барнс и највисоките израелски и египетски безбедносни функционери резултирале со рамка за етапно примирје во кое прво жените и децата кои се држат како заложници ќе бидат ослободени, покрај помошта која ќе влезе во Појасот Газа.
-Страните „се надеваа дека ќе го пренесат овој предлог до Хамас и ќе го доведат до место каде што ќе се вклучи позитивно и конструктивно во процесот“, рекол тој.
Шеикот Мохамед додал дека Хамас упатил „јасно барање“ за „траен прекин на огнот пред преговорите“ и дека сегашниот предлог „може да доведе до траен прекин на огнот во иднина“.
Израел вели дека околу 132 од 250 заложници, заробени во нападите на Хамас на 7 октомври се уште се во Појасот Газа, вклучувајќи ги и телата на најмалку 28 мртви.
Белата куќа претходно во понеделникот соопшти дека разговорите за да се обезбеди ново ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас во Појасот Газа се конструктивни и ветувачки, но дека треба уште многу да се работи.
Кабинетот на израелскиот премиер во неделата објави дека разговорите биле „конструктивни“, но дека остануваат „значителни празнини“.
Сепак, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот рече дека Катар има „огромно влијание“ врз Хамас и додаде дека улогата на Доха во посредувањето во досегашните неплодни разговори за ослободување на преостанатите заложници од Газа внимателно се следи на меѓународно ниво.
– Мислам дека треба да бараме од Катар, кој го прими Хамас, ги примија лидерите на Хамас, го финансираат Хамас… да постигне ослободување на останатите наши заложници, изјавил тој за британската телевизија „TalkTV“.
-Мислам дека целиот свет гледа кон Катар, додал Нетанјаху.