Се чекаат резултатите од обдукцијата и земените биолошки траги по убиството на 14-годишната Вања Горчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.
Кривичниот суд во Скопје синоќа му одреди мерка притвор до 48 часа на таткото на убиеното девојче „за да не побегне или да ѝ попречи на истрагата“.
За тие два случаи во притвор се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо е во бегство и надвор од државата и по него е распишана меѓународна потерница.
На предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, Кривичниот суд донесе наредба за спроведување истражна постапка против првоосомничениот, Љупча Палевски, за кој се тврди дека е организатор и извршител на убиствата.
Наредена е истрага за сторени кривични дела киднапирање и убиство.
Мотивот за киднапирањето и убиството на девојчето се наводно парите што мајката на Вања ги добила од продажбата на станот, изјави вчера шефот на скопското јавно обвинителство, Гаврил Бубевски.
Телото на девојчето било пронајдено во неделата, а потрагата по неа започна на 27 ноември. Вања била однесена во селото Бразда, каде што била убиена само два часа по киднапирањето.
Според надлежните институции, таа била убиена на брутален начин така што ја врзале и пукале со пиштол, а потоа ја закопале.
Кога станува збор за убиството на 76-годишниот велешанец Жежовски, Обвинителството тврди дека тој е „колатерална жртва“ за да му се одземе возилото, но и поради долг од 500 евра.