Ескалираа протестите против францускиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ.
Протестот започна пред Владата, па преку МНР, заврши со тензии пред Собранието. Дел од присутните беа со фантомки, а кон институциите се фрлаше со најразлични предмети.
Тензии, насилство, инциденти и апсења беа видени пред Собранието, кон полицијата фрлија и молотов коктел.
По интервенцијата на полицијата, демонстрантите се разбегаа.
Неколкумина беа уапсени, според непотврдени информации има и неколку повредени полицајци, но точната бројка засега не е позната.
По половина час, поголемиот дел од демонстрантите си заминаа, а пред Собранието останаа само најрадикалните кои продолжија да ја опсипуваат зградата со камења.
Меѓу толпата се појави свештено лице кое ги смируваше момчињата.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел престојуваше во Скопје за да ги охрабри македонските власти и граѓани да го прифатат францускиот предлог поддржан од целата ЕУ и за кој вели дека ќе овозможи отворање на првата фаза од пристапните преговори, што де факто ќе ја деблокира интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.
Владата на Димитар Ковачевски и шефот на државата Стево Пендаровски му потврдиле на Мишел дека предлогот станал прифатлив по модификацијата, но дека конечниот збор треба да го даде парламентот.