Околу 700 неевидентирани лица, претежно Роми ќе добијат матичен број. Ова го предвидува Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, поденесен од пратеничката на СДСМ Љатифе Шиковска. Предлог законот денеска го помина филтерот на две собраниски комсии, за политички систем и законодавно правната комисија. Се очекува тој да се најде на собраниска седница на 15 или на 22 јули.
Пратеничката Шиковска за „Локално“ вели дека броjот на лицата што немаат извод на родени, е добиен од теренската работа. Според неа сите досега евидентирани 677 лица се од ромска националност. Смета дека оваа бројка е многу поголема и затоа со Предлог законот предлага рокот за поднесување на барањата да биде продолжен за 12 месеци т.е. до 30.06.2022 година.
-Во 2019 и 2020 ги пронајдовме овие лица, кои потоа преку Управата за водење на матичната книга пополнија прашалници. Околу 400 лица без извод на родени, се од скопските општини, најмногу од Шуто Оризари, останатите од источниот дел на земјава. Со Предлог – законот предложив рокот да се продолжи за една година, бидејќи поради ковид пандемијата немаше услови (матичните служби работеа со скратено работно време) за евидентирање на овие лица. Така се обезбедува време во кое пронајдените лица ќе можат дополнително да ги поднесат барањата за успис во посебната книга на родени, вели Шиковска.
Поради секојдневното зголемување на бројот на лицата фантоми, со Предлог законот за неевидентирнаи лица во матичната книга на родени, се предлага, секое ново пронајдено лице кое нема пополнето прашалник, односно го нема во Регистарот, матичарите да им овозможат да поднесат барање. Така ќе се искорени овој проблем. Се предлага и возрасните мајки да можат да ги регистрираат своите деца. Постапката ќе оди преку Министерството за внатрешни работи.
-Кога мајката ќе го добие првиот извод на родени, треба да отиде во МВР, да се слика за потоа да може да добие привремена лична карта (идентификациона со посебен матичен број). Откако ќе ја земе од МВР привремената лична карта, мајката поднесува барање за упис на нејзините деца во Управата за водење на матични книги за родени. Најважно е што сите лица кои ќе поднесат барање и добијат матичен број ќе можат да имаат право на социјален пакет, се додека нивниот проблем не се реши со редовниот упис. Социјалниот пакет содржи право на образование, на здравствена заштита, осигурување, право на гарантиран минимален приход, и право за вработување. Што значи дека се овозможува редовен упис на деца родени во болнички или домашни услови, од мајка која согласно Законот за неевидентирани лица во матичните книги ја поседува соодветната документација (Извод и / или Времена идентификациона карта), вели Шиковска.
Според Шиковска претстојниот попис ќе ја даде точната информација за тоа колку во Македонија има неевидентирани лица во матичната книга на родени.
Предлог законот кој се носи во скратена постапка, доби поддршка и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во Предлог – законот уште се предвидува:
Член 7
(1) Лице неевидентирано во матична книга на родени чии податоци се внесени или ќе се внесат во Евиденцијата, поднесува барање до Управата до 30 jуни 2021 година за упис во посебната матична книга на родени.
(2) Овластеното лице по поднесеното барање од ставот (1) на овој член, а врз основа на податоците внесени во Евиденцијата согласно со членот 6 став (1) од овој закон, донесува решение за упис на лицето во посебна матична книга на родените.
(3) Уписот во посебната матична книга на родените трае до дополнителниот упис во матичната книга на родените, согласно со Законот за матичната евиденција, но не подолго од пет години.(4) Решението од ставот (2) на овој член се донесува во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за упис во посебната матична книга на родени.
(8) Лицето евидентирано во посебната матична книга на родени кое не е префлено во редовната матична книга на родени по навршување на пет години по автоматизам се префрла во редовната матична книга на родени при тоа применувајќи го членот 12 став (3) од овој закон. Посебна матична книга на умрените и извод од посебната матична книга на умрените.
И.Т.