Се игнорира ли сајбер булингот кај децата? „Казните да бидат исти како за дела во физичкиот простор, така и за дела во интернет просторот“

Децата жртви на сајбер булингот со зголемена психолошка тензија: „Превенција можна преку заеднички напор меѓу училиштето и родителите“

од Бисера Трајковска
39 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Со самото зголемување на дигитализација и употреба на социјалните мрежи, учениците се повеќе стануваат потенцијални жртви на сајбер насилство. Физичкото насилство е почесто во фокусот на јавноста и е многу повидливо. Но, од друга страна, иако сајбер булингот се минимизира и игнорира, истото може да има високо негативно влијание врз потенцијалните жртви.

Училишен, семеен и системски психолог и психотерапевт Ивана Велевска за „Локално“ вели дека најчесто не можеме точно да знаеме што учениците прават зад екраните, но кога ќе се случи каков било конфликт меѓу учениците или ќе се забележи одредена промена кај нив, при разговор дознаваат дека на таа ситуација претходеле одредени случувања на социјалните мрежи и учениците биле изложени на негативни коментари преку интернет.

-Мене лично како училишен психолог ме загрижува фактот што социјалните мрежи овозможуваат лесни поделби меѓу учениците. Кога велам поделби, мислам на формирање групи на социјалните мрежи, со цел да се избегнат некои ученици, вели Велевска.

Како што посочува, интернетот овозможува полесно договарање на групни активности вон училиште каде некои ученици се исклучуваат од дружби и различни настани. 

-Се тоа што се случува надвор од училиште, потоа се рефлектира во училишните ходници каде забележуваме дека некои ученици се изолирани од групата, појаснува училишниот психолог.

Таа потенцира дека ова може да доведе до зголемена психолошка тензија кај тие деца, чувство на изолираност и мисли како „не вредам, никој не сака да се дружи со мене, не сум интересен на групата“. 

-Тажно е кога некои деца го менуваат своето однесување во негативно со цел да бидат интересни и допадливи на останатите, додава Велевска.

Таа е на ставот дека училиштата имаат голема улога во едукација на учениците за опасностите од сајбер насилство преку редовни програми и часови за дигитална писменост. 

-Класните раководители речиси на секој час советуваат, споделуваат различни случувања во однос на соодветно користење на интернетот, а и стручните соработници реализираат работилници на таа тема, потенцира училишниот психолог.

Како што додава, покрај училиштето, многу е важна и улогата на родителите.

-Тие треба активно и будно да ја следат секоја активност на своите деца на интернет бидејќи имаат право да им ги проверуваат телефоните, да знаат со кого се допишуваат, особено во доцните часови, кога ризикот од негативни влијанија е поголем. При таквите проверки треба да се внимателни, да не делуваат како да ги демнат своите деца, бидејќи пак тоа носи други ризици преку нарушување на комуникацијата родител – дете, појаснува Велевска.

Таа потенцира дека родителите како највлијателни личности во животот на своите деца треба да ја препознаат својата одговорност во заштита на нивната дигитална безбедност и да им помогнат да се снаоѓаат во овој предизвикувачки дигитален свет.

Велевска е на ставот дека подигнувањето на свеста за сајбер насилството треба да биде заеднички напор на училиштето, родителите и целокупната заедница. 

Фото: Психолог Ивана Велевска, приватна архива

-Училиштата можат да организираат работилници и едукативни активности за учениците и наставниците, но исто така и родителите треба активно да учествуваат во овој процес. Она што најмногу можат да го направат е да бидат модел на позитивно однесување и да им покажат како да се носат со конфликтите кои се случуваат онлајн, но и да бидат првите лица кај кои детето ќе се обрати кога ке се почувствува изолирано или навредено во електронска комуникација, додава училишниот психолог.

Како што посочува, за да се постигне ова, од исклучителна важност е меѓусебната доверба и комуникација која ја изградиле со своите деца.

Таа е на ставот дека создавањето похуман однос меѓу учениците се постигнува со поттикнување на вредности како што се емпатија, почитување и разбирање. 

-Потребно е да се создадат можности за учениците да соработуваат и да се изразат во сигурна и безбедна средина. Кога учениците ќе научат како да се слушаат и разбираат меѓусебно, ќе бидат помалку склони да бидат насилни, било да е тоа физички или онлајн. Активности кои вклучуваат тимска работа и решавање конфликти на мирен начин, но и активности за развој на социјални вештини можат да помогнат во градењето на позитивни односи, вели Велевска.

Таа смета дека забраната за мобилни телефони во училиштата може да има свои предности и недостатоци.  Од една страна, потенцира, тоа може да им помогне на учениците да бидат повеќе фокусирани на наставата и да се намали можноста за дигитални конфликти. 

Од друга страна, посочува, мобилните телефони можат да се користат како алатки за учење, за што е потребно внимателно балансирање.

-Верувам дека би било корисно да се развие некоја форма на балансирана стратегија, каде што учениците би биле едуцирани за правилна употреба на мобилните телефони, а би се обезбедило и контрола за нивна употреба во училишниот контекст.

Славица Анастасовска од Хелсиншкиот комитет за „Локално“ вели дека државата треба да преземе повисоки мерки, од оние кои што се веќе постоечки, во однос на заштита од сајбер насилството.

Според Анастасовска, важно е паралелно да се работи и на превенција од најмала возраст, за децата да можат и внатре и надвор од училиштето да знаат да го препознаат и осудат овој чин на насилство.

Нашата правна рамка, како што посочува, е многу комплицирана и долга во однос на докажување на вината, особено ако насилникот е анонимен профил.

-Ова е состојба која се случува на глобално ниво, затоа што седиштата на социјалните мрежи, како што е Фејсбук и Твитер не се во нашата држава и токму затоа е потребна меѓународна правна помош за решавање на вакви случаи. Во моментов државата работи на одредени олеснувања преку потпишување на заеднички конвенции и протоколи. Сепак, нашите постапки се многу долги, вели Анастасовска.

Најпрвин, како што појаснува, треба да се ратификува меѓународен протокол за заштита од сајбер насилство во нашето Собрание.

-Многу е важно да се работи на превенцијата. Во образованието треба да се вклучат програми, кои ќе нудат обука на социјални работници, психолози и на самиот кадар за препознавање на сајбер насилство и на внимавање од тоа да не се создава двојна виктамизација на децата. Мора да се внимава на сите чекори, додава Анастасовска.

Таа е на ставот дека тежината меѓу физичкото и сајбер насилството е речиси иста, со оглед на тоа што во однос на сајбер насилството, жртвата не секогаш знае кој е од другата страна и истото може да биде повторено повеќе пати.

-Повеќе извештаи укажуваат дека сајбер насилството може да го наруши менталното и физичкото здравје, исто како што може и физичкото насилство, па затоа и казните би требало да бидат исти како и за дела во физичкиот простор така и за дела во сајбер просторот, додава Анастасовска.

Таа испраќа апел родителите и наставниците од најмала возраст да ги едуцираат децата за потенцијалните опасности од интернет, затоа што токму децата се најзависни од социјалните мрежи. Тие се исто така така најмногу најизложени на насилство, а најмалку имаат развиено критичка мисла.

Фото: Хелсиншки комитет за човекови права

Директорката на Гимназија „Гоце Делчев“, Марија Тодоровска за „Локално“  вели дека во секое училиштето спроведува повеќе проекти и едукативни работилници во кои се говори за тоа колку негативно може да влијае сајбер булингот меѓу учениците.

Како што информира Тодоровска, средното гимназиско училиште „Гоце Делчев“ е вклучено во проектот „Безбедни училишта“, каде покрај другите работилници, се предвидени и работилници на темата поврзана со сајбер насилство.

Во проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ се вклучени вкупно 12 училишта во државата, а го спроведува Коалиција СЕГА во партнерство со МЦГО – Македонски центар за граѓанско образование, Прва детска амбасада Меѓаши и SmartUp – Social Innovation Lab, а истиот е поддржан од Детската Фондација Песталоци од Швајцарија. 

Целта е да се изгради капацитетот на детската организација за да може да спроведе училишни иницијативи кои можат да придонесат за градење побезбедна училишна средина. 

Директорката Тодоровска потврди дека проектот се спроведува и оваа учебна година, но потенцира дека во ова училиште не се евидентирани случаи на сајбер насилството.

Тодоровска е на ставот дека треба да се воведе целосна забрана на мобилните уреди во основните училишта, додека во средните училишта нивното користење треба да се ограничи исклучиво за потребите на часовите.

Од Министерството за образование и наука (МОН) за „Локално“ изјавија дека од септември оваа година имаат добиено вкупно пет пријави поврзани со врсничко физичко насилство, преку нивната електронска адреса „[email protected]“.

Како што посочуваат, кај нив пристигнуваат пријави најчесто поврзани со физичко насилство меѓу учениците, немаат адреса за пријавување исклучиво на сајбер насилството.

Б.Т.