Премиерот посочува дека на последната лидерска средба веќе бил постигнат договор ДУИ да даде поддршка за проектот „Сејф сити“, кој, според најавите, треба да се најде на дневен ред на наредната собраниска седница. Според него, нема простор за дополнителни калкулации, бидејќи дилемите поврзани со ова законско решение биле расчистени уште на самата лидерска средба, пренесе 24.мк.
Мицкоски не ја исклучува можноста за поединечни тет-а-тет или лидерски средби, не само со Ахмети, туку и со други партиски лидери, доколку тоа е неопходно за обезбедување поддршка за клучни законски решенија и реформските закони.
Во меѓувреме, потпретседателот на ДУИ Арбр Адеми изјави дека на најавената средба меѓу Мицкоски и Ахмети би се разговарало и за концептот на избор на влада со Бадентерово мнозинство. Според него, темата не би се однесувала само на гласањето во Собранието, туку и на примената на Бадентеровиот принцип при одлучувањето во Уставниот суд, особено за законите што се носат со двојно мнозинство.
Во однос на уште една тема што беше отворена на лидерската средба, техничката влада, од СДСМ порачуваат дека за ова прашање може да се разговара, но исклучиво во поширок формат. Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека ваква дискусија би требало да се води со присуство на претставници на Европската унија и НАТО, имајќи предвид дека токму со нивна поддршка беше воведен моделот на Пржинската влада, без јасно утврдена временска рамка.
Од СДСМ, пак, ја бранеа одлуката нивниот лидер Венко Филипче да не присуствува на последната лидерска средба, оценувајќи дека со тоа не ѝ бил даден легитимитет на, како што велат, лошите владини политики.
Дел од прашањата отворени на лидерската средба ќе продолжат да се разгледуваат и во законодавниот дом, а веќе е остварена и координација на ниво на координатори во врска со „Сејф сити“. Во наредниот период се очекуваат разговори и за измените на Изборниот законик, Законот за влада, прашањата поврзани со Народниот правобранител, како и за пакетот реформски закони.