По вчерашниот дожд кој почна вчера попладне надојде реката Вардар во центарот на Скопје, поплавен е скејт паркот.

Метеролозите и вечерва најавуваат нови врнежи низ цела Македонија.
Според податоците на УХМР, најголеми промени на водостојот има на реките Радика кај Бошков Мост, Сатеска кај Ботун и на Вардар кај Јегуновце, а продолжувањето на врнежите може да доведе до излевање на Радика, Црн Дрим, Сатеска и Вардар.
Се очекува да продолжи зголемувањето на нивото на сите водотеци со оглед на најавите од синоптичарите дека врнежите ќе продолжат, а ќе бидат најобилни во југозападните и источните делови на земјава каде ќе наврнат 60 литри на метар квадратен.
Најголеми покачувања на водостоите ќе има во западните и југозападните делови од државата, а во текот на наредните 24 часа и на останатиот дел од државата.
Од Центарот за управување со кризи утрово известија дека вчера околу 20 часот биле примени повеќе податоци од граѓани од Тетово и од Мала Речица, на кои им се поплавиле подрумите и магацините. Поплавените биле кај касарната, во Ајдучко маало и во околните зони на градот. Биле известени локалните јавни претпријатија.
Дополнително, од ЦУК информираат дека на планините каде што има снежна покривка врнежите од дожд придонеле да се зголеми нивото на водата во речните корита и во суводолиците и тоа во реоните околу Бистра, Стогово, Шар Планина, Кораб, Јабланица и Баба. Поради тоа се очекува раст на нивото на реките Треска, Радика, Сатеска, Кичевска и во горниот тек на Вардар. ЦУК пренесува и информација од ЕЛЕМ дека акумулациите имале доволно слободен простор за да го примат овој воден бран.
Во Град Скопје, пак, вчера беше презентирана стратегија за намалување на ризикот од поплави во скопско.