Повеќе од 100 милиони евра обезбедува државата за справување со енергетската криза и за капитални инвестиции за подобрување на комуналната инфраструктура во општините. Вчера на владина седница беа усвоени одлуките, чијашто крајна цел е подобрување на условите за живот на граѓаните.
Со одлуката, од денеска на ЕСМ и се ставаат на располагање 3,1 милијарда денари или околу 50 милиони евра со цел компанијата да го зголеми производството и да обезбеди дополнителни количини на електрична енергија. Финансиската поддршка ЕСМ ќе ја искористи и за снабдување со основни суровини јаглен, мазут и друго што е во функција на поддршка на продолжување на производството на електрична енергија, а заради непречено снабдување со електрична енергија.
Ова е во насока на мерките што се преземаат за обезбедување непрекинато снабдување со електрична енергија во период на глобална енергетска криза.
Истовремено, средства во износ од 50 милиони евра се обезбедуваат и за реализација на капитални инвестиции за подобрување на водната инфраструктура на општините. Овие средства државата ќе ги обезбеди од Европската инвестициска банка, а општините ќе ги добијат како донација. Со ова државата значително им помага на општините за реализација на клучни инфраструктурни проекти во време на криза.
Вчера на владина седница беше усвоен предлог законот со кој се овозможува обезбедување на средствата и истиот треба да биде усвоен од пратениците во наредниот период. Проектот има за цел подобрување на условите и подигнување на квалитетот на животот на граѓаните и е дел од политиката на Владата за рамномерен регионален развој.
Овие средствата ќе бидат наменети за рехабилитација, модернизација и проширување односно изградба на инфраструктурата за водоснабдување, како што се довод за вода, станици за третман на вода, главни преносни мрежи на сурова или прочистена вода, мрежи за водоснабдување вклучувајќи пумпни станици и приклучоци на куќи, мерење на големо и на потрошувачи, мерки за енергетска ефикасност. Понатаму, средствата ќе се користат и за рехабилитација, модернизација и проширување односно изградба на инфраструктура за собирање и третман на отпадни води, како што се канализациони мрежи вклучувајќи приклучоци за куќи и пумпни станици, пречистителни станици. Воедно, значајни се и предвидените капитални инвестиции за рехабилитација, модернизација и проширување односно изградба на системи за атмосферска канализација и итни мерки за заштита од поплави.
Имплементатор на проектот ќе биде Министерство за животна средина, а корисници на средствата ќе бидат општините и градот Скопје.