Членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните ограни и здруженијата на граѓани (УПОЗ) од судската администрација од цела држава денеска протестираат во Скопје со барање за зголемување на платите за 78 проценти и враќање на додатоците на плата.
Упатија пораки за достоинствени плати и предупредија дека без нив не може да функционира судството.
-Овие луѓе што се тука собрани морале да се борат за секое право што го имаат добиено – во 2002 година 80 дена штрајк, во 2016 година – 60 дена штрајк, сега од 2.000 вработени во судовите 1 000 вработени се тука во Скопје и ако тоа не е доволна порака за надлежните да го слушнат нашиот глас не знам што ќе биде. Веќе се одложуваат случаите и се работат само итни и неодложни предмети. Како што најавивме вчера, значи притвори, претреси и оние предмети каде што има жалби и треба да се запазат роковите, а се’ друго не се работи и нема да се работи. Денеска бевме на разговор со обвинителот за организиран криминал, денеска ќе имаат и тие состанок, поддршката ја имаме и од обвинителот за организиран криминал, од републичкиот обвинител, на ред се министрите и Владата да се заземат за нас, изјави Трпе Деановски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, на собирот пред ССМ.
Доколку се зголеми за 78 проценти, просечната плата на администрацијата од судовите ќе биде околу 24.000 денари.
Членството на УПОЗ по денешниот протест дополнително ќе одлучи за идниот начин на делување, дали ќе штрајкуваат или ќе излегуваат пред судовите.
Вчера почна штрајк и на вработените во сите јавни обвинителства, кои бараат повисоки плати и додатоци на плата. Се бара зголемување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата во висина од 35 отсто.
На протестот се приклучија вработените во сите 28 обвинителства во земјава.