Се одржа свечено субвенционирање на стари занаети и саем за мало стопанство во Куманово

-Овој традиционален настан им оддаде почит на сите занаетчии, кои дале свој допринос за државата, потврдувајќи ја заложбата дека иднината на занаетчиството ќе биде заштитена, порачуваат од Општина Куманово

од Nikola Popovski
25 прегледи

Во организација на Регионалната занаетчиска комора – Куманово во соработка со Фондација за развој на мали и средни претпријатија Куманово, со поддршка на Општината, денеска се одржа свечено субвенционирање на стари занаети и саем за мало стопанство. Настанот е од национален карактер и има за цел да придонесе за развој на микро, мали и средни претпријатија, да обезбеди зачувување на старите занаети,  да поттикне претприемништво и економски раст преку нови партнерства.

Пред присутните се обратија Агрон Фазлији претседател на Занаетчиска комора на РСМ, Марјан Ристески заменик министер за економија и труд, Максим Димитриевски градоначалник на Општина Куманово и Ивана Ѓорѓиевска претседателка на Советот. Во обраќањата беше истакнато дека овој настан претставува поттик да се продолжи трудот на нашите предци, одржувајќи ги потенцијалите на мултикултурализмот, различностите и уникатноста.

Беа доделени субвенции на претставници на старите традиционални занаети, благодарници и плакети од страна на организаторите. Саемот за мало стопанство и стари занаети со учество на бројни изложувачи беше отворен за граѓаните, кои имаа можност да ги разгледаат штандовите и да ги купат посакуваните производи.

-Овој традиционален настан им оддаде почит на сите занаетчии, кои дале свој допринос за државата, потврдувајќи ја заложбата дека иднината на занаетчиството ќе биде заштитена, порачуваат од Општина Куманово.