Се огласи Цеца откако крена бугарско знаме во Велес: „Нè обединува љубовта кон песната, без разлика од каде доаѓа некој…“

Цеца Ражнатовиќ настапила пред околу 5.000 луѓе во спортската сала „Гемиџии“ во Велес, а во еден момент ѝ подале бугарско знаме, кое го раширила, при што потегот предизвика негодувања кај публиката

од Nikola Popovski
965 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Балканската ѕвезда, Светлана Цеца Ражнатовиќ, за време на нејзината музичка турнеја, одржа концерт и вo Македонија, поточно во Велес. Синоќа, Цеца настапила пред околу 5.000 луѓе во спортската сала „Гемиџии“ во Велес, а во еден момент ѝ подале бугарско знаме, кое го раширила, при што потегот предизвика негодувања кај публиката.

По овој чин, пејачката се огласи и порачала:

– Не е чудно што секогаш со задоволство прифаќам секое знаме од мојата публика, бидејќи тоа е мојата публика, мојот народ. Нè обединува љубовта кон песната, без разлика од каде доаѓа некој. Жал ми е ако тој чин повреди некого – навистина не ми беше намера, особено да не ги повредам или навредам домаќините. Верувам дека го знаете тоа. Ви благодарам за прекрасната вечер, за прекрасната енергија, љубовта и спомените што ги создадовме заедно – рекла Цеца, која одржала двочасовен концерт во Велес.

На реакциите споделени на социјалните мрежи, Цеца вели:

– Реакциите се случија во салата, помеѓу мојата публика и мене. Знаеме како се забавувавме – што беше убаво, а што не беше убаво на концертот што траеше два часа. Тоа е најважно. Нема да се занимаваме со реакциите на социјалните мрежи, бидејќи сите ние што бевме заедно во Велес таа вечер знаеме што навистина се случи. Ништо и никој не може да застане помеѓу мојата публика и мене, додала Цеца Ражнатовиќ, пренесуваат српските медиуми.

Настанот, кој требаше да биде вечер исполнета со музика и забава, доби неочекуван политички тон и предизвика лавина коментари на социјалните мрежи.

Организаторите засега не се огласија за инцидентот.

Слични содржини