Изгласаната интерпелација поднесена од Левица значи нејзино разрешување или дејствување под диктат на Левица и ВМРО-ДПМНЕ – вака вели пратеничката и претседателка на Комисијата за млади и демографија, Илире Даути по изгласувањето на интерпелацијата против неа.
Во изјава за медиумите, пратеничката од редовите на Европскиот фронт истакнува дека соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на комисијата и, како што вели, дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како заклучок од Африм Гаши, „не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум направила до сега, слободно и независно“.
-Секој граѓанин треба да биде таков, без разлика на различноста што ја имаме, вели Даути.
На Илире Даути 61 пратеник ѝ изгласа недоверба на функцијата претседателка на Комисијата за социјална политика, но собраниските деловник не предвидува дека таа мора да биде сменета.
-Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство, велат од Кабинетот на претседателот на Собрание.
Вицепремиерот и министер Изет Меџити информира дека пратеничката Даути ќе остане претседателка на собраниската Комисија за млади и социјална политика. Вели дека имаат многу забелешки за нејзината работа, но, кога има иницијатива од Левица, „ние сме против и ќе ја поддржиме“.
Претседателот на Алијансата за Албанците, која е во коалиција со Европскиот фронт, Зијадин Села вели дека неговата партија нема да ја прифати оставката на Даути и дека таа ќе остане претседателка на Комисијата.
-По изгласувањето на интерпелацијата, ако треба повторно да предложиме кандидат за таа комисија, тоа повторно ќе биде Илире Даути, рече Села.
-Не се откажуваме од луѓето што ги бираме. Не се откажавме од Албани во Боговиње и многу други луѓе. Даути е избрана со вашиот глас, гласот на Албанците и Алијансата за Албанците, додаде лидерот на АА.
Според Движењето ЗНАМ, коалициски партнер во Владата, „со усвојувањето на интерпелацијата, Илире Даути е разрешена и таа повеќе не може да ја извршува претседателската функција во работното тело на Собранието“.
Од Левица рекоа денеска од Комисијата за прашања на изборите и именувањата да се упати барање до пратеничката група на Европскиот Фронт да дадат предлог кој ќе ја замени пратеничката како претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Ако тоа не се случи, комисијата мора да реагира и таа итно да биде разрешена.