Се огласи Гаши: „Не сме тука да се натпреваруваме кој е поголем патриот“

од Nikola Popovski
2,5K прегледи

„Како претседател на Собранието на сите граѓани на Република Северна Македонија, сакам да појаснам дека Африм Гаши е роден во Скопје, каде живее и работи со своето семејство, а негова татковина е Северна Македонија“. Вака се огласи новиот собраниски спикер откако беше прозван за изјавата во интервјуто за „РТК“ околу тоа која е негова татковина.

Гаши вели точната изјава во неговото интервју била дека „Косово е родно место или татковина на моите родители и јас го почитувам како такво заради нив“.

„Сепак, верувам дека се разбираме доволно добро за да не бараме детални објаснувања за поимите како родно место, татковина или мајковина, бидејќи албанскиот јазик користи и сложена именка што комбинира мајка и земја. За мене најважно е преку нашите постапки да покажеме како ја гледаме нашата земја, која е нашата посветеност кон неа, кои се нашите придонеси и да правиме разлика меѓу оние кои ја градат и збогатуваат и оние кои ја уништуваат и крадат таа. Од тврдењата и изјавите за патриотизам граѓаните немаат никаква корист, а ние не сме тука да се натпреваруваме кој е по патриот. Јас не уживам во такви дебати и ова е мојата конечна изјава за оваа тема“, порача претседателот на Собранието во неговата реакција.

Идниот премиер Христијан Мицкоски вчера побара од Гаши доколку кажал такво нешто дека Косово е негова татковина, да им се извини на македонските граѓани.

-Јас мислам дека неговата татковина е Македонија. И од тоа што сум го разговарал со него, сум слушнал лично дека наша заедничка татковина е нашата заедничка Македонија. Ако има таква изјава, тогаш мислам дека треба да им се извини на граѓаните од Македонија и тоа треба час поскоро да го направи, со оглед дека добива плата од тука и од страна на Македонците, Турците, Албанците, Власите е избран за претседател на Собранието, истакна Мицкоски.

Новиот претседател на Собранието и член на коалицијата ВЛЕН во интервју за косовската телевизија „РТК“ зборувал за историјата на неговото семејство кое во 50-тите години на минатиот век се преселило од Качаник во Скопје. Како што беше објавено од дел од медиумите, тој рекол дека Косово е негова татковина и дека будно ги следи процесите кај нашиот северен сосед.

-Луѓето родени по деведесеттите не можат го разберат ова, но за мене Косово е мојата татковина, местото каде се родени моите родители и сочувствувам со се што се случува во Косово, кажал меѓу другото Гаши во интервјуто.

Слични содржини