Се огласи и Борисов: Бара оставка од Николоски и смета дека не треба да има средби со членови на македонската Влада

од Nikola Popovski
663 прегледи

Јазикот што го користат има само едно оправдување – оставка на овој министер, изјавил поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов за изјавите на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

„Ако не го сторат тоа, ниту претседателот, ниту министрите, ниту партиите не треба да се видат или да разговараат со нив (членовите на македонската Влада)“, додал Борисов и истакнал дека ГЕРБ ќе направи се што е потребно за Европската народна партија (ЕПП) „да биде информирана за искажаните зборови“.

„Очигледно не треба да се остваруваат пријателски средби со овие луѓе, дури и поврзани со операта, надвор од официјалните“, посочил Борисов, пренесуваат бугарските медиуми.

„Мислам дека постапија подло со претседателот и со министрите кои се сретнаа со нив“, навел лидерот на ГЕРБ, истакнувајќи дека македонските власти од неодамна се на новата функција и можеби затоа, како што вели, не се запознаени со државниот протокол за поставување на официјалното знаме при средбите.

Според лидерот на ГЕРБ, „прво мора да се обидат како држава да покажат стабилност и можност да одат напред“, што, како што рекол, тоа не го прават со седмите избори (во последните три години).

„Бугарија однадвор изгледа ужасно“, смета Борисов.

Колку за потсетување, Николоски во гостувањето на емисијата „За или против“ на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска-Давкова и Радев рече дека очигледно домаќинот не е цивилизиран и дека помизерни од нив се само домашните слуги.

Слични содржини