Се огласи „Кока Кола“ во врска со труењето со шише Romerquelle во Хрватска

од Stefanija Kuzmanovska
335 прегледи

На социјалните мрежи во Хрватска денеска се проширија пораки за наводно труење во кафулињата во Риека, а полицијата потврди дека на едно лице му се слошило додека конзумирало безалкохолен, газиран пијалок и дека е хоспитализирана под сомнение за хемиска повреда на хранопроводникот.

Како што пренесува „Индекс.хр“, на социјалните мрежи кружеле бројни пораки во кои се наведува дека неколку лица неодамна сериозно се затруле од минерална вода. Во пораките се споменува и компанијата „Кока Кола“, која за хрватскиот весник потврдила дека еден случај е поврзан со нивниот пијалок.

„Свесни сме за изолираниот случај поврзан со едно стаклено шише Romerquelle Emotion Blueberry Pomegranate 330 ml. Ја изразуваме нашата длабока загриженост и надеж за брзо и целосно закрепнување на лицето инволвирано во овој случај. Целосно сме отворени за соработка со сите надлежни органи“, се вели во официјалното соопштение на компанијата.

Претходно и Клиничко болничкиот центар Риека потврди дека примила едно лице со хемиска повреда на хранопроводникот, но не ја прецизираше причината за повредата.

„Нејзината здравствена состојба моментално е стабилна, а индицираните дијагностички и терапевтски процедури продолжуваат. Веднаш при пријавувањето во Установата и обработката во Унифициран болнички итен прием, што му претходеше на хоспитализацијата, доставена е пријава до надлежните истражни органи на ЈУ Приморје-Горанска, до кои можете да се обратите за евентуални дополнителни информации“, навел директор на КБЦ Риека, пренесува „Вечерњи“.

Од полицијата за „Индекс.хр“ потврдиле дека други слични настани не се пријавени.

Слични содржини