Рускиот претседател Владимир Путин смета дека на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп не му треба никаков совет.
„Трамп е таква личност на која не му требаат совети или препораки“, рекол рускиот лидер на ВТБ форумот „Русија повикува!“.
Коментирајќи ги заканите на Трамп дека ќе воведе царини на стоки од земјите на БРИКС доколку тие создадат сопствена валута или го напуштат доларот, Путин рекол дека забраната и некористењето се различни работи.
„Тој (Трамп) рече дека ако некој забрани, ограничи користење на долари, ќе реагира соодветно. Тоа не се исти работи. Едно е да се забрани употребата на доларот, а друго да не се користи доларот. Разбирате, тоа се сосема различни работи“, рекол рускиот лидер.
Тој додал дека новоизбраниот претседател не бил во Белата куќа четири години и за тоа време се случиле одредени промени во економијата, во светската и американската економија.
„Неговите наследници, неговите политички противници, направија многу за да ја поткопаат основата на доларот како светска резервна валута. И, пред сè, тие самите го направија тоа, користејќи го доларот како инструмент за политичка, а можеби и вооружена борба“, нагласил Путин.
Претходно Трамп им се закани на земјите од БРИКС со „100% царини“ доколку не се откажат од плановите за создавање алтернативна валута на доларот. Путин претходно изјави дека е рано да се зборува за создавање единствена валута на организацијата БРИКС.