Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески излезе со своја верзија на настаните во Собранието откако беше објавено дека дошло до инцидент со лидерот на Левица и негов колега од пратеничките клупи, Димитар Апасиев. Истакнува дека не е прв пат, како што вели, хистеричниот лидер на Левица да глуми жртва и да провоцира конфликтност физичка или вербална, сакајќи на тој начин да привлече внимание.
-Неговата кавга е по принципот навреди на безбедно растојание, па „мајка бежанија“, која му ја исполни денешната цел и смисла на постоењето, а тоа е да добие дел од медиумското внимание, нешто кое се заслужува со подвизи, проекти, идеи, визија, програми, принципи, а не со циркуз каков што тој неретко приредува. Токму затоа и неговата партија е бетонирана на 4,5 проценти рејтинг, како одличен спаринг партнер на СДС и ДУИ, и токму затоа тој е драгоценост која мора да се негува и од тој аспект и кон него изразувам жалење за специфичната состојба во која овој лик се наоѓа и кој секој ден не пропушта да го руши угледот на институцијата, стои меѓу другото во објавата на Ристески.
„Локално“ прв денеска објави за инцидентот во собраниските ходници. Според очевидци, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ му замерил на претседателот на Левица дека му ги објавуваат патните трошоци и почнал со навреди на лична основа, на што бурно реагирал пратеникот од Левица.
Во навредите, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ ги споменал сопругата и децата на Апасиев. Според изворот на нашата редакција, реагирало и собраниското обезбедување. Во кавгата биле фрлени и филџани со кафе.