Се огласија и од СДСМ за „недела неработен ден“, упатија порака до Владата

од Nikola Popovski
98 прегледи

Власта подготвува нов удар врз работниците: укинување на „недела неработен ден“. Овој проект СДСМ го воведе за да им овозможи на стотици илјади работници гарантиран слободен ден, да имаат повеќе време за нив и за нивните семејства, рекоа денеска од најголемата опозициска партија преку соопштение.

Според СДСМ, со оваа одлука, премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ директно го потценуваат трудот на работниците и ја негираат важноста на нивниот одмор и времето за семејството. Тврдат дека власта сака од „работниците да направи робови кои ќе работат за елитата и бизнис партнерите на Мицкоски да се богатат и да уживаат“.

-Прво, работат мал број на дејности во кои производство е во таков процес да не смее да се прекине, работат аптеки, пекари и така натаму. Целите на секоја Влада треба да биде намалување на овие дејности а не зголемување. Затоа, СДСМ е категорично против укинувањето на недела неработен ден, тоа е директен удар врз работниците, нивното достоинство и нивното слободно време, рече Кристина Костова – потпретседателка на СДСМ.

Се огласија и од Левица. Го обвинија премиерот дека е „верен слуга на Стопанската комора и домашната олигархија“. Побараа покрај недела, и сабота да биде прогласен за неработен ден.

Претседателот на Владата, Мицкоски пред неколку дена на собраниската седница за пратенички прашања одговарајќи на прашање околу тоа кој е ставот на Владата за недела неработен ден, истакна дека тоа не треба да биде селективно како што го направила претходната влада туку или да се даде можност на сите кои ќе постигнат договор со работодавачите за двојна или тројна дневница да остварат таков приход или никој да не работи.

Уставниот суд не ја укина, но власта во преговори со бизнисот и синдикатите може да ја ревидира „недела неработен ден“, која како законско решение беше воведена пред три години. Бизнисот се погласен за промени во закон за недела неработен ден. Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии бараат недела да биде работен ден, со цел да се овозможи на ИТ-инженерите да можат да работат од дома.

Непочитувањето на ова законско решение го утврдува Државниот инспекторат за труд и на работодавачите кои ќе го прекршат законот им се забранува работа од 15 дена, а доколку го повтори прекршокот во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата.

Слични содржини