Случајот „Адитив“ ја разбранува јавноста. Истрагата се проширува, а последните информации велат дека на првата антикорупционерка Татјана Димитровска судот и го одзеде пасошот, а доби забрана да работи на предмети како дел од Комисијата.
Осомничена е за оддавање службена тајна. За друго лице, вмешано во постапката, Судот определи 30-дневен притвор.
Во меѓувреме се огласија од Државната комисија за спречување на корупцијата.
-Во врска со актуелните случувања, Ве информираме дека Државната комисија за спречување на корупцијата во рамки на своите надлежности, продолжува да функционира редовно во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Како институција остануваме транспаренти и отворени за јавноста и за соработка со надлежните органи, стои во нивното соопштение.
Засега Димитровска не најавила дека ќе поднесе оставка од функцијата како предводничка на антикорупционерите.
Поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска оцени дека случајот предизвикал многу непријатно чувство.
-Вистината е како шило, верувам дека ќе излезе на површина, не сакам ништо да прејудуцирам. Собранието ги избира кандидатите за членови на Комисијата и треба да го зајакне својот надзор врз работењето на овие независни тела. При изборот искоментирав дека, бидејќи сите интервјуа се снимаат, одредени членови на Комисијата за селекција имаат забелешки во одредени прашања и одговори на кандидатите, зошто тогаш таа Комисија не ги повтори снимките па да се увери дали членот од невладиниот сектор бил во право или не и да се тргнеше сомнежот. Во услови кога имаме снимки и можеме да си докажеме сомнежите…Сега само можеме да чекаме што ќе каже истрагата и дали претседателката од морален аспект ќе си поднесе оставка, рече вчера екс-шефицата на Антикорупциската во емисијата „Вин-вин“.