Се огласија од Австралија Опен: Зошто Ѓоковиќ доби медицински исклучок?

од Vladimir Zorba
274 прегледи

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ денеска соопшти дека ќе игра на првиот Гренд слем турнир во сезоната, Австралија опен во Мелбурн.

Ѓоковиќ на социјалните мрежи изјави дека ќе игра со медицински исклучок, бидејќи не бил вакциниран против коронавирус, што за австралиските власти е обврска за учесниците, вработените во турнирот и навивачите, освен ако немаат сериозна причина за ослободување од вакцинација.

Во Мелбурн ќе игра за 10. титула на тој турнир и рекордна 21. Гренд слем титула во кариерата.

Отвореното првенство на Австралија ќе се одржи од 17 до 30 јануари во Мелбурн.

Организаторите потврдија дека ќе игра трикратниот последователен победник на турнирот.

„Ѓоковиќ поднесе барање за изземање, кое беше одобрено по ригорозниот процес на ревизија во кој учествуваа два посебни независни совети на медицински експерти“, се вели во соопштението.

Тениската асоцијација на Австралија објави дека процесот вклучува уредување на личните податоци со цел да се обезбеди приватност за сите апликанти, што значи дека Ѓоковиќ немал обврска да го објави изземањето.

Директорот на Австралија опен, Крег Тејли, рече дека „воспоставени се правични и независни протоколи за да се проценат барањата за медицинско изземање, што ќе гарантира дека турнирот е безбеден и пријатен за сите“.

„Главната работа за овој процес беше што одлуките беа донесени од независни медицински експерти и на секој апликант му беше посветено соодветно внимание“, додаде тој.

На социјалните мрежи се појавија бројни реакции за одлуката на Австралија опен, меѓу другото, се поставуваат прашања дали има основи за ослободување од вакцинација и какви карантински услови ќе има Ѓоковиќ по пристигнувањето во Австралија.

Слични содржини