„Наведената намера на Република Северна Македонија да не се придржува до меѓународните обврски и потпишаните договори е неприфатлива“. Ова се наведува во ставот на бугарското Министерство за надворешни работи, објавен на нивната веб-страница, во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
Новиот претседател на македонската влада синоќа во дебатна емисија порача дека „доколку има желба и политичка волја, Преговарачката рамка за Македонија со Европската Унија може да се промени“.
„Министерството за надворешни работи на Република Бугарија упорно потсетува дека европскиот консензус постигнат во летото 2022 година меѓу 27-те земји-членки на ЕУ и самата Северна Македонија јасно ги опишува чекорите за постигнување вистински напредок во процесот на европска интеграција на соседните земји. Исто така, принципот на едногласност во процесот на проширување на ЕУ е воспоставен во договор со Европската Унија и е вграден во Преговарачката рамка на сите досегашни и сегашни проширувања“, се наведува во ставот на официјалната бугарска дипломатија.
„Неприфатлива е наведената намера на новата влада на Северна Македонија да го отфрли легитимното барање на дел од сопствените граѓани да ги гарантира правата и слободите на еднаква основа со сите други заедници, вклучителн преку нивно вклучување во Уставот. Ваквиот став е некомпатибилен со напредокот на европскиот пат. Се остава сериозна загриженост дека во својата политика кон Бугарите и Бугарија, актуелната власт во Скопје ризикува да биде заробена од догмите на едно минато време, отфрлени од сите демократски општества“, додаваат од тамошното МНР.
Во реакцијата пренесена од бугарските медиуми, се наведува и дека подигнувањето идеи за повторно преговарање за веќе преземените меѓународни обврски само ќе доведе до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ.
„Министерството за надворешни работи потсетува дека како резултат на непотребните провокации и конфронтации со соседните земји, Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отворање на пристапните преговори.
Бугарската позиција е јасно наведена во Одлуката на Народното собрание од 24 јуни 2022 година, поддржана од сите политички сили. Тоа е израз на волјата на бугарските граѓани да ја поддржат Северна Македонија во процесот на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, под услов соседната земја да се придржува до највисоките стандарди во областа на човековите права и да ги исполни преземените меѓународни обврски. Оваа национална позиција нема да се менува“, стои во соопштението на бугарското МНР.