Евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас денеска изјави дека ЕУ го забележале ставањето на екс-вицепремиерот Артан Груби и судијата Енвер Беџети на црната листа на САД со санкции.
-Тоа што е важно е дека судството треба да ги преземе сите активности, не само во врска со овој посебен случај, туку и со сите други видови на корупција кои што се присутни во самиот систем, со цел да се осигураме дека судството ќе биде независно и ќе преземе дејствија, со цел да се справи со прашањата на корупција. Од наша страна, ЕУ има вложено многу напори за да обезбеди различни механизми и да му помогне на судството да се зајакне. Тука ги имаме механизмите на Оценската мисија при ЕУ која изнесе 40 препораки. Мислам дека тоа што е најважно е судството да стане независно, со цел да ја одигра својата улога и клучен приоритет за евроинтегративниот процес на вашата земја. Независно судство е платформа која што ќе може да осигура дека ќе се изгради доверба за сите актери во самото општество. Се надеваме дека ова ќе се случи наскоро, кажа Рокас при посетата на општина Тетово и средбата со градоначалникот Биљал Касами.
Евроамбасадорот беше запрашан и за вчерашните активности на Обвинителството во Судскиот совет и претресот на полицијата. Според Рокас, „канцеларијата на ЈО секогаш треба да ја има можност во еден независен судски систем да може да ги направи сите пребарувања, во случаи да има наводи за можна корупција во некоја институција“.
-Без разлика дали зборуваме за инвидуални или поопширни акти, во едно демократско општество, сите механизми треба да се стават на располагање на ЈО, со цел да изврши истрага за работи поврзани со корупција, додаде Рокас.