Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) се огласи по информацијата дека Финансиската полиција поднела кривична пријава против нејзиниот претседател Марко Бислимоски, поврзана со постапувањето за одземање лиценца на компанијата „Тритерол Петрол“.
Во соопштението, РКЕ наведува дека и Комисијата и Бислимоски се отворени за соработка со надлежните институции со цел случајот целосно да се расчисти. Истовремено, Комисијата тврди дека во конкретниот предмет за постапката за одземање на лиценцата е постапено согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци.
Од РКЕ додаваат дека истиот пристап и истите рокови биле применети и во други случаи, односно и за други компании кои биле баратели на лиценци, со што, според нив, не станува збор за издвоено или селективно постапување.
Комисијата најави дека нема да коментира дополнителни детали, со образложение дека треба да им се остави простор на институциите да постапуваат професионално и во рамки на своите надлежности.
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје, против претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Бислимовски. Осомничен е за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата, незаконски ја прекинал постапката за одземање лиценца на компанијата „Тритерол петрол“ и ѝ овозможил да продолжи со работа уште 15 месеци, иако не ги исполнувала законските услови.
Со тоа, фирмата учествувала на јавни набавки и остварила промет од над 194 милиони денари, стекнувајќи противправна корист од повеќе од 14 милиони денари, соопшти финансиската полиција.
Истрагата е во надлежност на скопското обвинителство.