Се огласија од „Жан Митрев“: Чесно работиме, изнесени се невистинити квалификации

од Nikola Popovski

Клиничката болница „Жан Митрев“ денеска се огласи после синоќешната сторија на ИРЛ за нејзиното работење во време на ковид-пандемијата. Од таму велат дека се згрозени од тенденциозниот говор на омраза употребен кон нивната институција, како и од неточните наводи, односно од фабрикуваните информации кои единствено се насочени кон креирање на лажна слика во пошироката јавност за работата на клиниката.

-Очигледно е дека овие лажни информации се креирани со намера за целосно искривување на фактите кои се однесуваат на долгогодишната успешна работа на Клиничката болница Жан Митрев, каде што работат повеќе од 400 стручни и професионални лица под раководство на д-р Жан Митрев, посочуваат преку соопштение.

Според „Жан Митрев“, „изнесените невистинити квалификации пласирани низ одредени медиуми деновиве се насочени кон намерно нарушување на честа и угледот на Клиничката болница и воопшто не кореспондираат со вистината“.

-Истите се вознемирувачки и за нашите пациенти, целиот наш тим и нивните блиски кои посветено и чесно работат сите овие години. Ние како институција практикуваме исклучиво медицина базирана на докази. Од самиот почеток, но и во иднина ние бевме и ќе останеме професионални во вршењето на својата деловна активност и ќе продолжиме грижливо и стручно да им помагаме на нашите пациенти за целосно подобрување на нивното здравје, додаваат од Клиниката и потенцираат дека нивните следни чекори ќе бидат во насока на искористување на сите правни можности согласно законите.

Истражувањето на ИРЛ открива загрижувачки податоци за третманот на ковид-пациентите за време на пандемијата. Основното јавно обвинителство веднаш отворило предмет откако ИРЛ објави дека клиниката „Жан Митрев“ вршела клиничка студија со методот на хемофилтрација без да пријави, а воедно се обработуваат и смртни случаи, кои имале по неколку бактериски инфекции.

Слични содржини