Се огласија од ЗНАМ по објавата на Милошоски за заедничка влада

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов денеска информира дека досега со ВМРО-ДПМНЕ немале преговори за формирање на заедничка влада. Нивниот став е „сè додека немаме официјална покана од ВМРО-ДПМНЕ ние нема да излегуваме со информации, изјави и ставови во поглед на наше евентуално учество во таа влада“.

-Ако бидеме повикани на преговори, ќе преговараме, доколку не, нема да инсистираме. Ќе дејствуваме според нашата политичка програма која јасно ја презентиравме во изминатите месеци, како за време на претседателските избори од страна на нашиот лидер Максим Димитриевски, така и за време на целата кампања за двојните избори преку наши настапи, изјави и прес-конференции, соопштил Мемов.

Тој додал дека се јасни позициите на ЗНАМ во поглед на националните прашања, како и во поглед на политичките и економски прашања.

Ваквиот став следува откако пратеникот и член на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски очекува дека новата влада ќе се формира до 20-ти јуни.

Тој во објава на социјална мрежа „Х“ истакна дека неговата партија освоила 58 места во парламентот, а дека коалицијата ВЛЕН, со која ВМРО-ДПМНЕ преговара за формирање нова Влада, има 14 мандати.

-Во новата влада најверојатно ќе учествуваат ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, стои во објавата на Милошоски.

Вчера се прегласуваше во седум избирачки места за парламентарните избори. Се случи пресврт, според првичните резултати на ДИК, ДУИ изгуби еден пратеник, а ВЛЕН доби во шестата изборна единица. Состојбата со пратениците во ДУИ во петата изборна единица нема да се смени. Со овој резултат здружената албанска коалиција обезбеди 14, а ДУИ 18 мандати.

Слични содржини