Се отвора можност бугарската мафија да основа коцкарници во Македонија, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
265 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ утрово обвини дека Владата со потпис на вицепремиерот и министер Артан Груби протнала одлука за основање на три нови онлајн коцкарници.

-Да биде ова уште посомнително, власта воведува услови кои ги дисквалификуваат домашните фирми и отвораат можност да влезе капитал од бугарското подземје каков што е ликот Васил Бошков Черепот. Токму овој лик поврзан со бугарската мафија, кој живее во Дубаи, се занимава со бизнисот со коцкарници и условите за бизнисот во Македонија кои ги определува Владата му отвораат можности на бугарското подземје да навлезе во државата, соопштуваат од „Белата палата“.

Вчера од Државната лотарија информираа дека тие, согласно Законот за игри на среќа, претставуваат единствено трговско друштво за приредување на игрите на среќа во коешто Република Северна Македонија е основач или акционер со 51 % од основната главнина. Тоа значи дека само Државна лотарија може да ги приредува електронските и интернет игрите на среќа, самостојно или заедно со други приредувачи, и таа надлежност произлегува од одредбите на член 7, став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

За реализација на погоренаведените законски одредби, од страна на Државна лотарија и Владата на Република Северна Македонија, донесена е Одлука за започнување постапка за основање трговски друштва за организирање интернет игри на среќа.

Слични содржини