Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека се подготвува есенска кошничка со производи кои граѓаните највеќе ги употребуваат, но како што најави, ќе има и пролетна кошничка. Според Мицкоски, цените на производите се стабилизирани, а добар резултат, како што рече, е и стапката на инфлација што во август изнесувала 2,2 отсто.
-Во зависност од тоа какви се потребите на граѓаните, во зависност од тоа што најмногу се троши ќе го следиме процесот и нема да дозволиме да ни се случи повторно висока стапка на инфлација со што ќе се влијае негативно на стандардот на граѓаните, информира премиерот.
Според најавите, кошничката ќе биде изготвена до петок. Ќе содржи околу 100 прехранбени производи. Работната група ќе прави симулација за ограничување на цените или на маржите, по што ќе се изнајде најдоброто решение.
Или ќе се намалат маржите на 5, 10 или 15 проценти на трговија на мало или ќе се замрзнат цените. Иако инфлацијата се стабилизира, сепак, од Владата најавија дека освен есенска, ќе има и пролетна кошничка, божиќна потрошувачка кошница, рамазанска потрошувачка кошница, велигденска потрошувачка кошница, односно, ќе се менува листата производи во зависност од периодот во кој ќе се применува.