Предлог-одлуките за легализација на бесправно изградените објекти на потегот долж Охридското Езеро и Националниот парк „Галичица“ денеска не беа на дневен ред во Советот на Општина Охрид, бидејќи седницата беше прекината поради технички проблем.
Предлог-одлуките за легализација беа оспорени од страна на еколошките движења, со забелешка дека се работи за легализација на објекти во строго заштитената зона за која има забрана за легализација.
Од Граѓанската иницијатива „Охрид SOS” пред седницата се огласија со предупредување до советниците дека мора да се запознаени со статусот на крајбрежјето, а тоа е дека во подготовка е Урбанистички план за крајбрежје со кој ќе се утврдат границите на крајбрежниот појас и согласно тоа, условите за планирање.
-Дотогаш, било какви постапки во насока на поголема урбанизација во најосетливите предели околу езерото, може да се сметаат само за спротивни на Планот за управување. Уште поважно, ваквата легализација е спротивна на препораките на УНЕСКО, при што за нелегалните градби треба да се изработи Оцена за влијанието врз животната средина и Оцена за влијанието врз културното наследство и согласно тоа, да се одлучува дали објектот може да се легализира или не, потенцираат од „Охрид SOS”.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, за медиумите по прекинувањето на седницата на Советот истакна дека сите предмети што се доставени до Советот да одлучува по нив се во согласност со Законот за легализација на бесправно изградени објекти, а за нив позитивно мислење е добиено и од Националниот парк „Галичица” и ресорното Министерството за животна средина и просторно планирање.
-Сите предмети кои се изработени од страна на општинската администрација и доставени до Советот за да одлучува по истите се водат согласно Законот за изградба на бесправно изградените објекти, и се во согласност и со претходно донесената Одлука од страна на Советот каде се вели дека нема да се поминуваат на Совет предмети кои се 50 метри до крајбрежен појас. Такви предмети ниту се доставиле претходно, ниту на оваа седница беа доставени. За сите предмети кои се во Националниот парк имаме позитивно мислење и од Националниот парк ‘Галичица’ и од Министерство за животна средина, вели Китески.